По повод Денот на здравјето, 7 Април, во ПООУ„Гоце Делчев“ – Три Чешми се реализира средба со првиот човек на Клиничката болница во Штип, д-р Ален Георгијев. Секое време се препознава со некои херои, а во времето на пандемијата Ковид 19 се истакнаа неколку вистински херои, меѓу кои е и Директорот на Клиничката болница. Освен како истакнат хирург покажа дека може да ја координира и целокупната работа во болницата која беше Ковид центар на источниот дел на Македонија. На големо задоволство на учениците и наставниците д-р Ален Георгијев зборуваше за една од најблагородните професии – доктор, човек кој спасува и дарува живот на секој болен. Средбата беше збогатена со скромна приредба и многу прашања од страна на учениците и интересни одговори на докторот. Голема благодарност на д-р Ален Георгијев.